КИСЕЛИНОВСКИ, Стојан

КИСЕЛИНОВСКИ, Стојан (с. Б’мбоки, Костурско, Егејскиот дел на Македонија, 10. Ⅰ 1943) – историчар, научен советник во ИНИ, истражувач на македонското минато од Егејскиот дел на Македонија во периодот меѓу двете светски војни. Во текот на Граѓанската војна во Грција, заедно со други деца, бил одведен во Романија (1948), каде што завршил основно образование во с. Тулгеш, класична гимназија во Орадеа (1961) и дипломирал на Факултетот за историја и филозофија (општа историја) на Универзитетот Клуж-Напока во Клуж (1966). Бил професор по историја во Орадеа (1966 – пролетта 1972). Подоцна со семејството се вратил во РМ и станал соработник во ИНИ (1972). Магистрирал (1976) и докторирал (1984) на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Автор е на монографски публикации и коавтор на учебници за основното и средното образование. БИБ.: Грчката колонизација во Егејска Македонија (1913–1940), Скопје, 1981; КПГ и македонското национално прашање (1918–1940), Скопје, 1985; Статусот на македонскиот јазик во Македонија (1913– 1987), Скопје, 1987; Егејскиот дел на Македонија (1913–1989), Скопје, 1990; Историја на Романија, Скопје, 1997; Етничките промени во Македонија (1913–1995), Скопје, 2000; Малцинствата на Балканот (ⅩⅩ век), Скопје, 2004 (со коавтор).ЛИТ.: 50 години Институт за национална историја 1949–1998, Скопје, 1998, 153. С. Мл.