КИНЕСКО-МАКЕДОНСКИ ВРСКИ И ОДНОСИ

КИНЕСКО-МАКЕДОНСКИ ВРСКИ И ОДНОСИ. Дипломатските односи меѓу РМ и НР Кина се воспоставуваат на 12. Ⅴ 1993 г. со заедничко соопштение дека РМ ја признава Владата на НР Кина како единствена законска влада на Кина и на Тајван како неделив дел од Кина и презема обврска во никаква форма да не воспоставува официјални односи со Република Кина–Тајван. Прв вонреден и ополномоштен амбасадор на РМ е Владимир Петковски. Прв вонреден и ополномоштен амбасадор на НРК е Су Ју Ехе. По воспоставувањето дипломатски односи на РМ со РК–Тајван (27. Ⅴ 1999 – 8. Ⅱ 1999), дипломатските односи меѓу НРК и РМ се суспендираат. Следен чекор е гласањето против Нацрт-резолуцијата за продолжување на мандатот на УНПРЕДЕП во РМ за уште шест месеци од страна на амбасадорот на НРК на седницата на Советот за безбедност на ОН (25. Ⅱ 1999). Без едногласност на сите постојани членки на Советот за безбедност, Мисијата на УНПРЕДЕП во РМ не се обновува, по што започнува Косовската војна (март-јуни 1999). Односите РМ – НРК се нормализираат на 18. Ⅵ 2001 г., кога РМ ги прекинува дипломатските односи со РК-Тајван. На 29. Ⅷ 2001 г. во Скопје пристигнува нов амбасадор на НРК, а амбасадата на РМ во Пекинг повторно се отвора на 25. Ⅲ 2002 г. ИЗВ.: Заедничко соопштение за воспоставување на дипломатски односи меѓу РМ и НРК, МНР на РМ.ЛИТ.: Ахил Тунте, Република Македонија – прва декада (1990–1999), Скопје, 2005; Светомир шкариќ, Македонија на сите континенти, Скопје, 2000. Т. Петр.