ИЗРЕКА

ИЗРЕКА -. краток жанр на усното народно творештво. За разлика од поговорките/пословиците, не го заокружуваат мисловниот процес во заклучок и не претендираат на општа валидност, туку параболички асоцираат на некој вистинит настан. Тие не ја апсолутизираат изјавата, туку поцврсто се врзани за контекстот и повеќе зависат од него. Се состојат од синтагматски целини, кои само на примерено место се изрекуваат, а без нужниот контекст, тие едвај нешто би значеле. Додека поговорката/пословицата не ги пропушта, туку ги синтетизира искуствените податоци, изреката ги асоцира: Во секоја манџа – миродија; Село гори – баба се чешла; Пиши – бриши! ЛИТ.: Б. Величковски, Некои карактеристики на македонските пословици и поговорки, Народното творештво на почвата на Македонија. Прилози за истражувањето на историјата на културата на почвата на Македонија, кн. 6, Скопје, 1997, 227-240; Б. Величковски, Некои библиски пословици и нивното значење за образовниот процес, Образованието и религијата, Битола, 329-342. Б. В.