ДЕМНИЕВСКИ, Алекса

ДЕМНИЕВСКИ, Алекса (псевд. Бауман) (Велес, 1905 – Белград, 5. IX 1961) – припадник на работничкото и комунистичкото движење, учесник во шпанската граѓанска војна, генерал-потполковник на ЈНА. Бил член на КПЈ (од 1926). Во 1928 г. отишол во СССР, каде што го завршил Комунистичкиот универзитет (1932). Бил на разни должности во Московската об-ласт, а во 1934 г. бил мајор на Црвената армија и командант на бригада. Од 1936 до 1939 г. учествувал во шпанската граѓанска војна како командант на баталјонот „Ѓуро Ѓаковиќ” и на бригадата „Георги Димитров” и двапати бил рануван. По поразот на шпанската републиканска армија отпатувал во СССР. Во декември 1944 г. се вратил во Југославија и бил поставен за командант на ⅩⅤ македонски корпус на ЈНА што се борел на Сремскиот фронт. По Војната бил заменик-командант наⅤармија, командант на заднината на Ⅰ армија, началник на Управата на Државниот секретаријат на Народната одбрана. ЛИТ.: Во Срцето на шпанија. Сеќавања на интербригадисти од Македонија, Скопје, 1975, 13–21. О. Ив.