ДАМЕВ, Огнен Цветанов

ДАМЕВ, Огнен Цветанов (Битола, 7. Ⅵ 1939) – географ, унив. професор по економска географија. Дипломирал на Природноматематичкиот факултет (Група географија) во Скопје, а магистрирал (1977) и докторирал (1987) на Економскиот факултет во Скопје. Првин бил професор во Гимназијата со економски паралелки „Јосип Броз-Тито“ во Кавадарци, а потоа од асистент (1971) и предавач (1978), до редовен професор (1997) на Економскиот факултет во Скопје. Негова научна преокупација е просторната организација на стопанството – разместеноста на индустријата и аграрното производство, проблемите на руралната економија, рурално-урбаните миграции, населбите и процесите на урбанизацијата. БИБ.: Деаграризацијата и депопулацијата на индивидуалните земјоделски стопанства во подрачјето на Демир Хисар, Скопје, 1972; Состојбата, проблемите и перспективите на електропроизводството во СР Македонија, Скопје, 1973; Ресурсите на дрво и дрвнопреработувачката индустрија во СР Македонија, Скопје, 1979; Доходувањето и потрошувачката на мешовитите домаќинства во преобразбата на селото во СР Македонија, Скопје, 1982; Урбанизацијата на селата од аспект на промените во опременоста на селското население во СР Македонија со станови, станбена инфраструктура и со трајни потрошни блага, МАНУ, Скопје, 1985; Деаграризација и урбанизација на селото во СР Македонија, Скопје, 1986 (докторска дисертација); Деаграризацијата и процесите на урбанизацијата на селото во СР Македонија (од Ослободувањето до почетокот на осумдесеттите години), Скопје, 1990; Комерцијалното светско стопанство (производството, просторната организација и прометните текови), Скопје, 1996 и 2004. С. Мл.