ГОЛИ ОТОК

ГОЛИ ОТОК – еден од затворите за политички затвореници во периодот на судирот на КПЈ со КП СССР што функционирал по донесувањето на Резолуцијата на Информбирото (1948) сè до 1955 г. Првите казнети лица биле примени на 6. Ⅶ 1949 г. Во овој логор издржувале казна и голем број политички затвореници од Македонија. Не е утврдено колку Македонци настрадале во времето на ИБ. Според еден извор (од 1958), во НРМ биле регистрирани 1.651 информбировци, според друг (од 1993) – на Голи Оток престојувале 820 Македонци, а според трет (од 1990), вкупно казнети и осудени лица за ИБ биле 888 Македонци, или 0,09% од вкупниот број на населението во Македонија. Најголемиот број од уапсените биле од Велес, Прилеп, Битола и нивните околии. На Голи Оток биле затворени и репресирани и пратеници – членови на Првото, Второто и Третото заседание на АСНОМ (Панко Брашнаров, Венко Марковски, Петре Пирузе, Кирил Петрушев, ќемал Аголи, Благоја Хаџи Панзов, Генади Лешко, Ми-но Богданов, Васил Калајџиски, Никола Вражалски, Микре Анастасов, Неџат Аголи, Илија Митревски, Трајко Цветанов, Илија Божиновски, Милан Стефанов и Ѓорѓи Василев). Затворени биле учесници во НОБ, првоборци, членови на КПЈ пред војната, истакнати воени раководители. Во поглед на апсењата, Македонија процентуално се наоѓала на четвртото место во Југославија. ИЗВ.: Димче Најчевски, Голооточки сведоштва, Скопје, 1999.ЛИТ.: Драган МарковиÊ, Јосип Броз и Голи Оток, Београд, 1990; Драгиша Урдаревски, Голи Оток, Скопје, 1999; Ставре Џиков, Македонија во комунистичкиот триаголник, Скопје, 1993. Ѓ. Малк.