ВОДЕН

ВОДЕН (Едеса) – град во егејскиот дел на Македонија, Грција со 19.800 ж. (2002 г.). Се наоѓа во подножјето на планината Веримон, на надморска висина од околу 430 м. Жителите се главно Македонци и потомци на грчки доселеници од Мала Азија. Под името Едеса бил прва престолнина на Филип Македонски. Од крајот на Ⅵ в., кога територијата на Македонија била населена со Словени, Едеса продолжила да се развива како словенска населба под името Воден. За време на турското владеење во него се населиле одреден број турски, а подоцна и влашки семејства. При крајот на ⅩⅠⅩ в., според К’нчов, имал 11.070 ж., од кои 7.000 Македонци, 4.000 Турци, 30 Власи и 40 Цигани. Во 1924 г. Турците се иселиле во Турција, а на нивно место се доселиле Грци од Анадолија и Тракија, со што бројот на населението пораснал на 13.115 ж. Во подоцнешните години неговото население стагнира, така што и во 1971 г. В. имал 13.967 ж. Денеска е административен центар на областа Пела и во В. се одвива интересен миграционен процес. Имено, грчките семејства се иселуваат во Солун и во Атина, а во него се доселуваат Македонци од околните села. Големите и атрактивни водопади овозможиле во градот значајно да се развие туризмот и трговијата. Има неколку текстилни фабрики во кои се вработени значаен дел од населението, а се занимаваат и со трговија, туризам, овоштарство и градинарство. ЛИТ.: Тодор Симовски, Населени места во Егејска Македонија, кн. И, Скопје, 1978. Ал. Ст. Пристаништето во Охрид