ВЛАСИТЕ ВО Република Македонија

ВЛАСИТЕ ВО Република Македонија -. етничка заедница во РМ. Тоа е романизирано население низ Балканскиот Полуостров (Грција, Бугарија, Македонија, Албанија и Србија). По вероисповед се православни христијани, познати под различни имиња: Власи, Куцовласи или Цинцари (поради честата употреба на фонемата ц), а самите се нарекуваат Ар’мни или Аромани. Тие не создале посебна етничка и политичка свест. Дел од нив биле под силно грчко влијание (т.н. „Грковласи“), дел под романско влијание („Романовласи“ или „Македоновласи“), а еден дел биле под влијание на македонското револуционерно ослободително движење. Голем дел од нив што сега живеаат во РМ, тука се населени во времето на османлиското владеење. Во 1788 г., по уништувањето на градот Москополе од Али-паша Јанински, голем дел од неговото Влаинки – фрашароти во народна носија, снимени во ателјето на М. Манаки во Битола население се населило во Македонија. Тогаш се формирале влашки колонии во градовите Солун, Сер, Битола, Крушево и во селата Магарево и Трново. Во втората половина на ⅩⅤⅠⅠⅠ в. во Македонија се доселиле и од западниот дел на Албанија и од Пинд. Тие се занимавале главно со сточарство, трговија, занаетчиство и не живееле компактно на една определена територија. Кон крајот на ⅩⅠⅩ и во почетокот на ⅩⅩ в. во Македонија живееле 80.767 Власи или 3,58% од целокупното население. По Балканските војни (1912-1913), во Вардарскиот и Пиринскиот дел на Македонија живееле 36.353, а во Егејскиот дел на Македонија 44.414 Власи. Во периодот меѓу двете светски војни се забележуваат сериозни етнички промени кај влашкото население. Прогрчки настроените Власи од Вардарскиот дел на Македонија (Битолско) се иселиле во Грција. Власите од Егејскиот дел на Македонија, под силен грчки притисок, биле принудени да емигрираат во Романија и биле колонизирани во Јужна Добруџа (6.000 влашки семејства) и по договорот од Крајова (1940) биле колонизирани во Северна Добруџа. Според пописот од 1948 г. во СРМ живееле 9.511 Власи (или 0,8%), во 1981 – 6.384 (0,3%), 1994 – 8.467 (0,4%), а во 2002 – 9.695 Власи (или 0,84%). Најголемиот број сега живеат во Скопје (2.557), Штипско (2.074), Битолско (1.270), Крушево (1.020) и Струшко (656). Со новиот Устав, од етничка група, тие добија статус на етничка заедница со проширени етнички права. Влашкиот јазик е присутен (факултативно) во просветата (Штип, Крушево, Битола, Скопје), во електронските медиуми (радиото и телевизијата) и во печатот. Имаат свои културни друштва („Питу Гули“ и „Браќа Манаки“ – Скопје, „Москополе“ – Крушево, „Санта Ѕурѕу“ – Штип) и свој национален празник (23 мај). На влашки јазик се преведени дела од светската и од македонската литература (Библијата, Илијадата, Одисејата, К. Миладинов, Г. Прличев, К. Рацин и др.). На влашки јазик се издава и периодичниот весник „Феникс“. Исто така, имаат и свои етнички партии: „Демократски сојуз на Власите“ (ДСВ), „Партија на Власите“ (ПВ) и две здруженија „Лига на Власите од Македонија“ и „Унија за културата на Власите во Македонија“. Тие се целосно интегрирани во македонското општество. ЛИТ.: Васил Кънчов, Македони®. Географи® и статистика, Софи®, 1900; Завод за статистика на СР Македонија. Попис на населението, домаќинствата и становите, 1981, Скопје, 1984; Завод за статистика на Р Македонија. Попис на населението од 1994 г, Скопје, 1997; Завод за статистика на Р Македонија. Попис на населението, домаќинставата и становите во Р Македонија, Скопје, 2004; Д-р Стојан Киселиновски, Етничките промени во Македонија (1913-1995), Скопје, 2000; Д-р Стојан Киселиновски – д-р Ирена Ставови-Кавка, Малцинствата на Балканот (ⅩⅩ век), Скопје, 2004. Ст. Кис.